Официјално: Раниери се врати во Рома

Сега веќе е и официјално, Клаудио Раниери е наследникот на Еузебио ди Франческо на клупата на Рома откако искусниот стратег ги прифати условите на раководството на „римската волчица“ за повторно да го преземе кормилото на овој клуб. Поточно, Раниери е единствениот од кандидатите кои се согласи да потпише договор до крајот на сезонава, со клаузула за автоматско продолжување доколку обезбеди место во Лигата на шампионите.

Тој попладнево пристигна во тренинг-центарот Тригорија, каде ќе го одржи и првиот тренинг со екипата. Раниери веднаш се соочува и со првиот проблем, главниот дефанзивец Манолас заработи повреда поради која ќе паузира најмалку 20 дена. Грчкиот интернационалец ќе ги пропушти дуелите со Емполи и со СПАЛ, а Раниери се надева дека ќе го има во тимот за дербито со Наполи закажано за 30 март.

Рома моментно се наоѓа на петтото место на табелата со 44 бода, три помалку во однос на четвртопласираниот Интер.

Раниери експресно најде нов ангажман откако на 28 февруари беше отпуштен од Фулам по серијата катастрофални резултати со кои лондонскиот клуб осстана закован на последното место на табелата.

Се вчитува...