Официјално: СЕХА објави прекин на неодредено време

Регионалната СЕХА-лига нема да продолжи во наредниот период, како резултат на воените дејствија на територијата на Украина и неможноста тимот на Мотор Запорожје да го продолжи натпреварувањето.

Руската компанија Газпром е главен спонзор на регионалното натпреварување, а белорускиот Брест Мешков требаше да се приклучи во следната фаза од СЕХА. Сепак, откако стана јасно дека не постојат услови за нормално продолжување на сезоната беше одлучено целокупното натпреварување да биде прекинато.

„Извршниот комитет на СЕХА-лигата на состанокот одржан на 8 Март 2022 година донесе одлука сите натпревари за сезоната 2021/22 да бидат одложени на неодредено време“, објави СЕХА.

Регионалното натпреварување и оваа година имаше два македонски претставници, Вардар веќе одигра три средби во кои забележа една победа и два порази, додека Еурофарм Пелистер комплетираше само еден меч, триумфот во Белград над Партизан.

Се вчитува...