ОФИЦИЈАЛНО: Вест Хем го именуваше за нов менаџер специјалистот за влез во Премиерлигата

Вест Хем официјално го назначи Скот Паркер за свој нов менаџер. Поранешниот фудбалер на лондонскиот клуб потпиша договор на две и пол години, а на клупата ќе го замени Нуна Еспирито Санта, кој беше отпуштен поради лоши резултати.

Паркер (46) зад себе има одлични резултати во Чемпионшип, откако успеа три пати да ги води тимовите до Премиерлигата – со Фулам, Борнмут и Барнли.

Сега го чека нов предизвик, бидејќи главната цел на Вест Хем е експресно враќање во елитниот ранг на англискиот фудбал.

„Многу сум горд што ја преземам оваа улога и се враќам во клуб кој значи толку многу за мене и моето семејство. Чест ми е што имам можност да го водам Вест Хем и да се обидам да ги вратам во Премиерлигата“, рече Паркер.

„Чеканите“ моментално се на осмото место во Чемпионшип, шест бода зад лидерот Мидлсбро.

Новиот тренер ќе дебитира во среда, на гостински терен против Кардиф, а во работата ќе му помага Марк Нобл, поранешен соиграч, кој сега ја извршува функцијата спортски директор.

Паркер играше за Вест Хем од 2007 до 2011 година, одигра 129 натпревари и постигна 12 гола.

Сега се враќа со задача да го врати клубот меѓу најдобрите англиски тимови.

Се вчитува...