Ракометарите по нов билет за ЕП: Луксембург е само почетна станица

Македонија повеќе од една деценија е редовен учесник на сите ракометни европски и светски шампионати, тренд што нашите најдобри ракометари ќе сторат се за да го продолжат и на претстојното ЕП 2028 што ќе се одржи во Шпанија, Португалија и во Швајцарија.

Првиот дуел од новиот квалификациски циклус го играме вечерва во 19 часот во СЦ „Борис Трајковски“ против Луксембург, а покрај оваа селекција – аутсајдер, наши ривали ќе бидат уште и Грција (на која и гостуваме викендов) и фаворитот Шведска. „Црвено-жолтите“ полни со самодоверба ги почнуваат овие квалификации, свесни дека квалитетот е на наша страна, но и дека тоа ќе мора да биде потврдено на терен.

Триумфот над Луксембург вечерва воопшто не би требало да биде доведен во прашање, но овој дуел треба да послужи и како увертира за Грција, гостување каде викендов со победа широко би си ги отвориле вратите кон уште едно големо натпреварување.

„Тоа е најважно – да победуваме, да се надградуваме и да одиме напред. Натпреварите со Луксембург и Грција секако дека ќе ни послужат како подготовка за настапот на Светското првенство. Но, во моментов не сакаме да гледаме премногу напред. На овој собир треба максимално да се вложиме, а имаме и нов играч. Димитро Горига треба да се вклопи во составот и не би требало да имаме проблем“, вели Мартин Томовски, кој ќе ја има улогата на прв голман во националниот состав.

Се вчитува...