Навивачката група на МЗТ Скопје, Фемили Аеродром, преку соопштениe реагираше во јавноста по последниот несакан настан во кој беа вклучени претставници на оваа навивачка група во конфликт со вечните ривали од Сити парк бојс, навивачите на Работнички.
Еден навивач на МЗТ Скопје доби притвор од 30 дена за своето учество во инцидентот, а „Фемили“ синоќа преку соопштение реагираше жалејќи се на несоодветно информирање од медиумите.
Соопштението на најверните фанови на аеродромци го пренесуваме во целост..,
„Последниве денови сме сведоци на вистинска медиумска хајка против навивачката група Фемили Аеродром. Наместо професионално, одговорно и објективно информирање, дел од медиумите очигледно одлучија да водат сопствена кампања, во која сензационализмот, шпекулациите и недокажаните инсинуации се поважни од вистината.
Особено остро ги демантираме наводите и сензационалистичките тврдења кои се пласираат во јавноста во врска со наводната употреба на ножеви, палки и друго ладно оружје во пресметката со градските ривали. Бараме секој што изнесува вакви сериозни обвинувања да понуди конкретни, проверливи докази, а не да се повикува на неименувани извори, претпоставки и приказни од типот „рекла-казала“.
**Кој ви даде право да осудувате луѓе преку наслов пред воопшто да се утврдат фактите?**
Кога станува збор за Фемили, очигледно е дека за одредени медиуми вистината е споредна работа. Доволно е да се спомене нашето име за да започне фабрикување на наслови, драматизирање на настани и создавање слика во јавноста која потоа директно се пренесува врз голем број поединци, нивните семејства, нивните работни места и нивниот секојдневен живот.
За што? За еден клик повеќе? За некој преглед и коментар екстра? За повисок рејтинг на вашите т.н. портали?
Ако цената на вашиот рејтинг е уништување на нечиј углед, тогаш проблемот не е во навивачите, туку во професионалниот и моралниот интегритет на оние што се претставуваат како новинари.
Нема да дозволиме поединци да бидат јавно етикетирани, осудувани и изложувани на медиумски линч врз основа на непотврдени информации. Секој има право на фер третман, на презумпција на невиност и на вистинито информирање.
Фемили Аеродром не бара привилегии. Бараме само она што секому му следува – вистина, факти и одговорност за јавно изнесениот збор.
И да биде кристално јасно: **нашето молчење не е слабост, а нашата моментална воздржаност не значи дека ќе дозволиме некој да гази врз достоинството на нашите членови.**
На сите наши членови кои деновиве се најдоа на удар на јавниот линч им порачуваме дека не се сами. Поддршката допрва ќе се почувствува. Ќе стоиме зад секој наш член кој е неправедно изложен на притисок, стигматизација или дискриминација. Ќе ги искористиме сите легални и институционални механизми за заштита на нивните права и достоинство.
А до медиумите кои одлучија да ја заменат вистината со сензација имаме само една порака: Не сте над фактите, не сте над одговорноста и сигурно не сте над правото на луѓето да се бранат од вашите конструкции.
Фемили Аеродром е многу повеќе од наслов во вашите портали. Тоа се луѓе, пријателства, припадност и заедништво кое не се создава ниту се уништува со неколку сензационалистички текстови“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
