Карик: „Олд Трафорд“ е магично место, знаев дека ќе се вратиме

Мајкл Карик „преживеа“ откако Манчестер јунајтед се врати од два гола негатива и успеа да триумфира со 3-2 над Рома, за намалување на огромниот притисок врз поранешниот англиски репрезентативец.

Се делуваше црно во првите 45 минути, па кога фудбалерите беа испратени со свирежи од трибините се чинеше дека следи нов пораз што речиси сигурно ќе ја запечатеше и судбината на Карик како предводник на поранешниот англиски првак. Тоа не се случи, „црвените ѓаволи“ воскреснаа покажувајќи карактер и со огромен пресврт ги вратија насмевките кај своите верни навивачи.

„На полувремето настојував да останам позитивен. Длабоко во себе знаев дека можеме да се вратиме, верував во тоа и им го кажав на фудбалерите. Олд Трафорд е магично место, само еден момент може целосно да ја сврти ситуацијата во наша корист, го имам доживеано тоа како играч, сега и како тренер. Најлесно е да се самосожалуваш, да си разочаран, но тоа нема да помогне никому. Затоа, останав позитивен, верував во тимот и успеавме да се вратиме. Огромен дел од заслугите одат на адреса на фудбалерите, кои одиграа фантастично во второто полувреме“, истакна Карик.

Следниот предизвик исто така е сериозен, Јунајтед в недела ја пречекува Астон Вила во обид да ја прекине серијата порази во Премиeр-лигата.

„Олеснување? Искрено, не чувствувам никакво олеснување, само задоволство. Најзадоволен сум поради играчите, бидејќи ги гледам секој ден и знам колку се трудеа, колку сакаа да ја прекинеме црната серија. Сега ќе продолжиме да работиме за истото да го сториме и против Астон Вила“, прокоментира стратегот на Манчестер јунајтед.

Се вчитува...