Сопствениците на Милан инвестираа сериозно во нови засилувања за играчкиот кадар, но паралелно со тоа се насочија и кон зголемување на приходите преку нови спонзорски договори.
Така, „росонерите“ направија значаен чекор напред потпишувајќи рекорден спонзорски договор со Адидас, откако германската компанија се согласи да плати богатство за повторно да биде производител на целосната опрема на поранешниот европски шампион. Милан има договор со „Пума“, италијанскиот клуб имаше и понуда за продолжување на соработката, но понудата на Адидас беше супериорна – десетгодишен договор вреден вкупно 500 милиони евра. Договорот ќе стане валиден од јули 2028 година, по истекот на актуелната соработка со Пума што трае уште од 2018.
Просекот од 50 милиони евра годишно е апсолутен рекорд во италијанскиот спорт, ако се знае дека Интер во 2023 потпиша со „Најк“ за 30 милиони евра по сезона, додека договорот што Јувентус лани го потпиша со „Адидас“ е вреден вкупно 408 милиони евра, исто така за десетгодишна соработка.
Милан освои две титули во Лигата на Шампионите носејќи „Адидас“, па двете страни со право се надеваат дека оваа обновена соработка ќе ги врати „росонерите“ на старите победнички патеки.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
