Митев: Сакаме да ја израдуваме македонската публика

Македонските ракометари максимално подготвени го очекуваат почетокот на новиот квалификациски циклус, овојпат за ЕП 2028 во кој во првото коло на домашен терен ќе го пречекаат составот на Луксембург (вечерва во 19 часот во СЦ „Борис Трајковски“).

Гостинот важи за аутсајдер во групата, но нашите репрезентативци се свесни дека не смеат да потценат ниту еден ривал, а воедно денешниот меч мора да послужи како загрвање за далеку поголемиот предизвик, саботното гостување во Грција.

„По подолго време пак сме заедно. Секогаш имаме позитивна атмосфера на вакви собири. Играме против Луксембург, млад тим што има добра транзиција и ние мораме да бидеме спремни за тоа. Фаворити сме, одиме на победа, сакаме да ја израдуваме публиката и со победа да стартуваме во квалификациите. Потоа, во недела не чека меч со Грција на гости. Имаат сериозна екипа и мораме многу сериозно и внимателно да му пристапиме на тој меч. Видовме, Холандија двапати загуби од нив пред неколку месеци. Но и таму ќе одиме на победа. Среќа немаме повреди, Горига е нов, полека се вклопува. Сите играчи му помагаме да влезе побрзо во системот. Има предиспозиции и квалитети и сигурен сум дека ќе биде додадена вредност за репрезентацијата“, истакна Марко Митев, кој повторно ќе биде меѓу клучните фигури во нападот на македонската репрезентација.

Се вчитува...