Огромен пех за Рајн-Некар Левен – се повреди и вториот голман

Рајн-Некар Левен се соочува со огромни проблеми на стартот од оваа сезона, откако во рок од еден месец „лавовите“ од Манхајм останаа без двајцата голмани. Прв се повреди Микаел Апелгрен, кој ќе паузира до крајот на годинава, за денеска да биде обелоденето дека тешка повреда заработил и вториот одличен голман на бундеслигашот, шведскиот репрезентативец Андреас Паличка.

„Лошата среќа со повредите продолжува да го следи нашиот клуб. Андреас Паличка заработи повреда на лигаментите на десното колено на вчерашниот натпревар. Како и Микаел Апелгрен, и Паличка ќе отсуствува до крајот на годината“, објавија „лавовите“ на официјалната веб-страница.

Рајн-Некар Левен е еден од ривалите на Еурофарм Пелистер во групната фаза од Лигата на Европа, македонскиот вицепрвак ќе се сретне со поранешниот шампион на Германија на 24 ноември. „Лавовите“ пред десетина дена го доведоа искусниот Николас Кациганис за нов голман по повредата на Апелгрен, но јасно е дека сега ќе мора повторно да се ангажираат на пазарот и да доведат уште еден чувар на мрежата во своите редови.

Се вчитува...