Охрабрувачки е последниот медицински извештај, раката на Маркез заздравува

Скршената рака на шесткратниот светски шампион во класата Мото ГП, Марк Маркез, почнува да заздравува, пренесува Хонда. Десет недели по последната операција за инфицирана псевдоартроза на коската на десната надлактица, клиничката слика е многу подобра.

Лекарскиот тим, предводен од лекарите Самуел Антуња и Игнасио Роџер де Оња, а во кој беа и лекарите Хуан де Мигуел, Аитор Ибарзабал и Андреа Гарсија Вилјануева, дадоа позитивни извештаи по прегледувањето на снимките. Отсега натаму, во следните неколку недели, Маркез ќе може континуирано да напредува во процесот на функционално закрепнување на оперираната рака.

Историјата на повредата и влошувањето на ситуацијата на Маркез веќе им е позната на сите навивачи на шпанскиот ас и навивачите на шампионатот во Мото ГП. Маркез неодамна ја отстрани заштитата на рамото, која ја носеше подолго време. Сепак, до почетокот на новата сезона во Катар (28 март) остануваат уште шест недели, а тестирањето е закажано за 1 март. Учеството на Маркез е сè уште под знак прашалник и многу веројатно ќе биде појасно на 22 февруари на презентацијата на моторот на Хонда, кога Марк ќе се појави во друштво на неговиот нов клупски колега Пол Еспаргар.

Последните недели се зборуваше и пишуваше за можноста Андреа Довициозо да го замени Маркез во Хонда, доколку Шпанецот не е во можност да ја започне сезоната, но Хонда негираше сè, велејќи дека, доколку е потребно, ќе го активира тестот за возач Сеп Брадл.

 

 

Се вчитува...