Охриѓани се поблиску до опстанокот: Славје на дербито од Плејаут лигата

Кошаркарите на Охрид славеа во втората рунда од Плејаут лигата во Првата лига против Струмица со 81-77 (21-20, 17-16, 20-18, 23-23).

Во салата на „Билјанини извори“ во Охрид, домашните кошаркари беа поприсебни во финишот од мечот кога успеаја да ја зачуваат предноста за значајна победа против струмичани, со кои се се поблиску до опстанокот во елитното натпреварување.

Најдобар во составот на Охрид беше Девин Брукс со 33 постигнати поени, додека вториот Американец Карлен Шејн заврши со 15 поени. Двоцифрен ефект имаа и Слободан Михајловски и Антонио Донески кои постигнаа по 10 поени. Во поразениот тим најефикасен беше Јокиќ со 21 постигнат поен.

Охрид сега е на чело на Плејаут табелата со 22 бода, пред Струмица и Пелистер со по 21 бод.

Вардар испушти одлична можност на домашен терен да дојде до првата победа во сезоната. „Вардарци“ по продолжение загубија од Пелистер со 81-85 во сосема израмнет натпревар.

Пелистер на една секунда пред крајот дојде до израмнување на 66-66 во регуларниот дел од мечот, а потоа во продолжението успеа да дојде и до победата.

Србиновски и Робев постигнаа по 17 поени кај „вардарци“, Лефкоски заврши со 14 поени а Митков со 13 постигнати поени. Во победничкиот состав најдобар беше Американецот Фил Хоукинс со 23 постигнати поени.

Се вчитува...