Охрид го победи Пролет за крај на Супер-лигата

Охрид славеше на гостувањето против Пролет со убедливи 23-39, меч со кој беше заокружена суперлигашката фаза од ракометниот шампионат на Македонија. Според очекувањата, охриѓани ја оправдаа фаворитската улога и одличната форма, рутински стигнувајќи до нови бодови како загревање за новите предизвици што се наоѓаат пред овој тим, како на домашната сцена така и во ЕХФ Европскиот куп.

Охрид се одлепи уште во раната фаза од натпреварот, поведе со 2-6, потоа и со 3-10 и практично за помалку од 20 минути игра го реши прашањето на победникот. Цврстата одбрана беше заштитен знак на Охрид во првото полувреме, Пролет постигна скромни девет гола и на одмор се замина со убедливи 9-16 за гостинскиот состав. Охриѓани стигнаа до прво двоцифрено водство (10-20) со погодокот на Ојлески, задржувајќи, а потоа во самиот финиш и зголемувајќи ја убедливата позитива се до конечните 23-29.

Давид Савревски беше клучна фигура со десет гола на мечот, по пет погодоци за победничкиот тим постигнаа Ќосевски и Прибетиќ, додека кај Пролет најефикасни беа Дамчевски и Стоилевски со по пет гола.

По заокружувањето на суперлигашката фаза, најдобрите шест тима (Вардар, Пелистер, Охрид, Алкалоид, Бутел и Тиквеш) ги продолжуваат битките за титулата во плејофот, додека преостанатите шест тима во плејаут натпреварувањето во следните три месеци ќе се борат за опстанок (Е. Пелистер 2, Прилеп, Пролет, Куманово, Струга и Радовиш).

Се вчитува...