Охрид го реши Алингсас, ќе игра со Металург за бронзата на „Струга 2017“

Ракометарите на Охрид одиграа одличен меч и го изненадија фаворитот Алингсас, триумфирајќи со 28-27 и освојувајќи го второто место во својата група од турнирот „Струга 2017“. Шведскиот вицепрвак влезе во овој дуел со улога на фаворит, но охриѓани предводени од голманот Трајкоски (11 одбрани) одиграа одличен натпревар и на крајот заслужено се радуваа на теренот во Струга.

Адамовиќ со шест гола ги предводеше охриѓани во овој триумф, еден повеќе од Кобетиќ.

Охрид во мечот за третото место од „Струга 2017“ ќе се сретне со Металург, откако македонскиот вицепрвак денеска го декласираше домаќинот Струга со преубедливи 43-11. „Металурзите“ веќе по првиот дел стигнаа до убедливи 14 гола разлика (21-7), што потоа уште повеќе ја зголемуваа до самиот крај на натпреварот.

Димитриоски и Серафимов со по седум гола беа најефикасни кај Металург, пред Шилегов и Арсеновски со по пет погодоци.

Се вчитува...