Охрид му зеде мерка на Бешикташ, ќе се бори за бронза на турнирот „Крсте Андоновски“

Ракометарите на Охрид славеа над турскиот прволигаш Бешикташ со 35-32 и го освоија второто место во својата група на турнирот „Крсте Андоновски“, па утре во малото финале ќе се борат за третото место со екипата на Татран Прешов. Избраниците на Стевче Алушовски одиграа извонреден меч на офанзивен план, со леснотија го наоѓаа патот до мрежата на противникот, што резултираше со дури 35 постигнати гола во мрежата на турскиот клуб.

Охрид беше особено импресивен во првото полувреме, во кое домаќините успеаја да постигнат дури 20 погодоци, на одмор заминувајќи со предност од 20-17. Во раната фаза од вториот дел „сино-белите“ стигнаа и до шест гола позитива (26-20), предност што охриѓани знаеја како да ја претворат во конечен триумф.

За потсетување, во големото финале на турнирот „Крсте Андоновски“, утре ќе се сретнат македонскиот првак Еурофарм Пелистер и грчкиот гигант Олимпијакос.

Се вчитува...