Охрид му зеде мерка на Пелистер среде Битола

По двата порази од Еурофарм Работник во плеј-офот и во Купот, Пелистер доживеа уште еден шок. Во натпреварот од 5.коло од плеј-офот за титулата, ботолчани на домашен терен беа поразени од Охрид со 26-27.

Екипата на Охрид која заврши на првото место во регуларниот дел од суперлигашката сезона, ја продолжува успешната серија и во натпреварите од плеј-офот и со третата победа сега се на третото место со ист број бодови со Вардар.

 Избраниците на тренерот Горан Андоновски доминираа на теренот во салата „Младост“ и во текот на целиот натпревар го одржуваа водството кое на полуврмето беше изразена со шест гола предност (10-16). Во вториот дел, Пелистер успеа да се врати во игра и да ја стопи негативата. Домашниот тим на седум минути пред крај дојде и до изнедначување на 24-24, но Охрид сепак, ја имаше контролата на играта и не дозволи да ја испушти шансата во финишот, одново го презеде водството и ја задржа минималната предност до крај.

Во триумфот на охриѓани најефикасен беше Јанев со 8 гола, а по пет погодоци за Охрид постигнаа Адемовиќ и Блажевски. Кај Пелистер прв стрелец беше Бојан Маџовски со осум гола.

По пет одиграни кола во плеј-офот, Металург е на првата позиција на табелата со максимални 15 бода, Вардар е втор со девет бода, а исто толку има и Охрид со натпревар повеќе. Зад нив се Еурофарм Работник со шест, Пелистер со три бода и Борец на последното место без бодови.

Се вчитува...