Охрид на силен турнир во Бугарија

Кошаркарите на Охрид веќе десетина дена напорно работат на стартот од подготовките за новата сезона, при што акцент се става на физичката подготвеност за напорите што ќе го очекуваат овој тим во новата сезона. Охриѓани ќе продолжат со тренинзи до 9 септември, кога ќе го одиграат првиот контролен натпревар откако прифатија да бидат дел од силниот турнир во Бугарија, во организација на тимот на Балкан Ботевград, актуелен првак на источниот сосед.

Станува збор за меморијалниот турнир „Георги Христов“ на кој ќе учествуваат уште две бугарски екипи, Берое и Рилски Спортист. Според утврдената програма, охриѓани во полуфиналето на 9 септември ќе се сретнат со домаќинот Балкан, а еден ден подоцна во зависност од исходот на овој меч ќе играат во финалето или во мечот за третото место.

Екипата на Охрид почна сериозен проект за новата сезона, ангажирајќи го за тренер Марјан Илиевски, кој со себе зеде и неколку квалитетни засилувања од Блокотехна, тим со кој двапати стигнуваше до полуфиналето во плејофот, еднаш играше во финалето на Купот на Македонија, а стигна и до трофеј во БИБЛ-лигата. Ангажирани беа и уште неколку квалитетни домашни кошаркари, со што охриѓани создадоа респектабилен тим за влез во Супер-лигата, а потоа и борба за место во плејофот.

Се вчитува...