Охрид потклекна, Е. Пелистер е на фајналфор во Купот на Македонија

Актуелниот шампион на Македонија, тимот на Е. Пелистер е вториот учесник (по Тиквеш) на фајналфор турнирот од Купот на Македонија откако битолчани успеаја да слават на турнирот што се одржуваше во салата „Билјанини извори“ во Охрид. „Пелистерци“ барем на хартија имаа најтешка задача од сите фаворити кои беа носители во ждрепката, но избраниците на Ангеловски одговорија на предизвикот, одиграа -одлично на жешкиот терен во Охрид и го совлада домаќинот со резултат 25-32.

Битолчани подобро го отворија натпреварот, во раната фаза поведоа со 2-5, но Охрид успеа да се врати и кон средината на првото полувреме да израмни на 9-9. Ефикасниот напад беше одлика на двата тима во првиот дел, а поумешни беа гостите од Битола кои на одмор заминаа со предност од 16-18. Тоа им даде само уште поголема самодоверба за второто полувреме кое „пелистерци“ го отворија одлично и се искачија на плус четири (18-22). Отпорот на Охрид беше скршен кон средината на вториот дел, кога по 20-23 гостите постигнаа четири гола во серија и дојдоа до преубедливи „плус седум“ (20-27), решавајќи го прашањето на победникот . По 12 минути без гол охриѓани конечно стрелаа прецизно во 51. минута преку Пелидија, но веќе беше предоцна, гостите рутински ја одржаа удобната предност и заслужено триумфираа со конечните 25-32.

Филип Кузмановски со осум и Радивојевиќ со седум гола беа најефикасни во победничкиот состав, додека прв стрелец на Охрид беше Цирар со шест постигнати гола.

Е. Пелистер и Тиквеш веќе ги имаат билетите за завршниот турнир од Купот на Македонија, а во финалните дуели од преостанатите две групи ќе се сретнат Вардар – ГА и Алкалоид – Бутел.

Се вчитува...