Охрид со тројца нови странци го заокружи ростерот

Кошаркарскиот прволигаш АВ Охрид во своите редови донесе три странски засилувања со кои го комплетираше ростерот за новата сезона.

Во клубот доаѓа искусниот српски плеј-мејкер Игор Мијајловиќ кој минатата сезона беше дел од романскиот Темишвар каде тренер е Александар Тодоров. Македонското првенство му е добро познато на Мијајловиќ бидејќи тој беше дел од историската прва титула на МЗТ Скопје Аеродром, а покрај во „Јане Сандански“ во Македонија има настапувано и за Кожуф и Карпош Соколи.

Во тимот на Марјан Илиевски ќе пристигнат и двајцата Американци, Остин Ајуква и Маркус Џексон. Ајуква игра на позицијата крилен центар, во Охрид доаѓа од колеџ тимот Шарлот 49, а во кариерата настапувал и за Клемсон Тајгерс. Џексон игра на позиции еден и два, а минатата сезона ја помина во колеџот Санта Барбара.

Претходно, Охриѓани го потврдија и доаѓањето на Данило Мијатовиќ, а од македонските кошаркари за клубот потпишаа Игор Пенов и Адем Мехиќ кои дојдоа од Куманово, Александар Штерјов кој играше во Кожуф, како и Марјан Младеновиќ и Војче Лефкоски кои соработуваа со Марјан Илиевски во Блокотехна.

Се вчитува...