Борис Ројевиќ е стратегот што успеа да го крене Охрид на едно повисоко ниво откако „гладијаторите“ во првата сезона под водство на српскиот стратег се искачија на второто место во силната домашна Супер-лига, но и што е уште поважно – стигнаа до големо европско финале.
Веќе викендов охриѓани гостуваат во Унгарија на првиот финален дуел од ЕХФ Европскиот куп, реваншот е закажан за 31 мај во „Билјанини извори“ во Охрид, а Ројевиќ е убеден дека неговиот тим поседува се што е потребно за д ае стигне до големиот трофеј.
„Охрид заслужено игра европско финале бидејќи бевме подобри од сите досегашни противници. Во првите неколку рунди имавме лесни задачи, но потоа во четвртфиналето го елиминиравме Олимпијакос со одлична гостинска партија, а во полуфиналето имавме тешка, тешка задача и успеавме да славиме над Целје. Сега на ред е Татабања, тоа е тим што ќе ја има улогата на благ фаворит, пред се поради подолгиот ростер, станува збор за екипа одлично покриена на сите позиции, која воедно има и искуство од големите натпреварувања. Ние дефинитивно нема да се предадеме, туку ќе сториме се за да го кренеме пехарот“, вели Ројевиќ.
Стратегот на Охрид не крие дека очекува главен адут на неговиот тим во ова големо финале да биде – цврстата одбрана.
„Одбраната на Охрид е најдобра во целиот регион. Пилиповиќ е најдобар голман во силната македонска лига, а имаме и врвни дефанзивци како Реј Моралес, Иванковиќ, Савревски, Лијапис…. Од самиот почеток на сезоната вложивме многу труд за да играме добра одбрана, резултатот од тој труд е видлив во овој клучен дел од сезоната. Знаеме дека Татабања игра брз ракомет, поседува играчи со одличен индивидуален квалитет, но верувам во нашата одбрана, таа може да ни го донесе резултатот што го посакуваме“, истканува Борис Ројевиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
