Охриѓани едногласни: Испишавме историја, подготвени сме за последниот чекор!

Ракометниот клуб Охрид се наоѓа пред најголемиот успех во својата клупска историја. По сензационалната победа од 28-29 на првиот натпревар во Унгарија против фаворизираната Татабања, во Охрид владее вистинска ракометна еуфорија пред реваншот од финалето во ЕХФ Европскиот Куп.

Тренерот на Охрид, Борис Ројевиќ го најави реваншот кој ќе се игра утре во СЦ „Билјанини извори“.

„Веќе испишавме историја со самиот пласман во финалето. Ова е огромен успех за клубот, градот и државата. Сега сме на чекор до освојување на трофејот, што би било нешто неверојатно. Нема сомнеж дека ќе го дадеме и последниот атом од нашите сили за на крај сите заедно да се радуваме“, изјави Ројевиќ.

Слично размислува и голманот Кристијан Пилиповиќ…

„Мислам дека мораме да бидеме концентрирани на нашите задачи и максимално фокусирани. Оваа сала и оваа публика треба да го добијат тоа што го заслужуваат. Еве веќе се наежив. Треба таа поддршка да ја искористиме на вистински начин и да не изгориме во желбата. Сите едвај ја чекаме оваа средба. Јас верувам во нова победа. Ќе го дадеме максимумот за овој град и за овој клуб“, порача голманот на Охрид.

Се вчитува...