Ојлески: Битолското дерби е дуел за престиж, одиме на победа

Со градското дерби меѓу Пелистер и Еурофарм Работник, денеска (18.30 ч.) во салата „Боро Чурлевски“ во Битола ќе се комплетира првото коло во македонската ракометна Супер лига. Дуелот во кој Пелистер е во улога на домаќин на Еурофарм Работник, беше одложен на барање на домаќините поради технички прoблеми во салата.

Иако нема посебна резултатска трежина, битолското дерби секогаш привлекува внимание и е  голем предизвик и за двете страни. Уште повеќе што „фармацевтите“ непосредно пред стартот на сезоната во своите редови како големо засилување го донесоа Филип Кузмановски кој потекнува од школата на Пелистер.

Подготвени сме за дуелот со Пелистер. Почеток е на сезоната и резултатски ова не е некој решавачки натпревар, но тоа е градско дерби и секако, и за нас и за Пелистер тоа е натпревар за престиж и одиме на победа. Пелистер има неколку нови играчи во однос на лани. Ние имаме нов тренер и засилен состав. Со доаѓањето на Филип Кузмановски добивме големо засилување, многу поголема конкуренција на бековската позиција и едно повисоко ниво во играта“ – вели крилото на Еурофарм Работник, Гоце Ојлески.

Иако сега фокусот е на првиот натпревар против Пелистер,  Еурофарм Работник влегува со големи амбиции во новата сезона во која битолскот суперлигаш ќе се обиде да стигне една скала повисоко.

Имаме добра екипа, амбициозен тренер и одлична атмосфера. Се надевам дека ќе имаме успешна сезона и дека ќе отидме и чекор напред. Лани завршивме зад Металург, годинава ќе се бориме да бидеме пред нив. Ни претстои и настапот во ЕХФ Купот во кој се надеваме на пласман во групната фаза, ако не послужи среќата. Се уште сме на почетокот на сезоната, ќе видиме понатаму како ќе се одвиваат работите“ – истакнува Ојлески.

Се вчитува...