Во првата европска пролет за Еурофарм Работник во ЕХФ Купот, Битола ќе ги види германскиот Хановер, унгарска Татабања и хрватски Нексе. Во оваа конкуренција германскиот претставник е прв фаворит во групата која, според првите проценки не е ни најтеѓката ни најлесната во оваа фаза од ЕХФ Купот.
„Тешки противници, но реално немавме ни некој избор. Ако се погледнат сите четири групи, не е ни толку лошо. Со Нексе и со Татабања може да играме, посебно на домашен терен во Битола. Тоа сепак, не се екипи од форматот на Кил или на Фуксе Берлин. Ни останува добро да се подготвиме и да се претставиме во најдобро светло во овие натпревари. Ова ни е прва сезона во Европа, направивме голем успех со пласманот во групната фаза и го заслуживме местото во ЕХФ Купот. Ќе надигруваме со сите во групата“ – истакнува левото крило на Еурофарм Работник, Гоце Ојлевски.
За битолскиот тим најважно е да се одигра добро и да се искористи секоја шанса за победа, но во исклучително силната конкуренција во ЕХФ Купот покрај еден Кил, Фуксе Берлин, Хановер и Сан Рафаел, речиси е невозможно да се очекува нешто повеќе од достоен настап во групната фаза.
„Нереално е во оваа конкуренција да очекуваме Ф4 во ЕХФ Купот, тоа сепак, е тешко и речиси невозможно, но имаме квалитет да се носиме достојно со сите противници. Ќе играме силни европски натпревари во февруари и во март, тоа е добро и за публиката и за нас како екипа бидејќи овие мечеви ќе ни бидат добредојдени пред домашниот плеј-оф“– вели Ојлевски.
Натпреварите од групната фаза во ЕХФ ќе се играат во периодот од 9 февруари до 31 март.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА