Олдриџ се врати, Сан Антонио загуби

Ламаркус Олдриџ го имаше својот камбек на терените откако беше утврдено дека проблемите со работата на срцето откриени пред неколку дена не се од посериозна природа. Сепак, кошаркарите на Сан Антонио не успеаја да го крунисаат камбекот на еден од својот лидери со победа, откако „мамузите“ неочекувано загубија на домашен терен од Портланд со 106-110. Спарси имаа можност со победа да се израмнат со Голден стејт на врвот на Западната конференција, но не успеаја да го запрат Лилард, кој го заврши натпреварот со 36 поени. На домаќините не им помогна ниту одличното издание на Леонард (34 поени), додека Олдриџ за 32 минути игра реализираше 19 поени и седум скока.

Најнеизвесно беше во Лос Анџелес, каде клиперси неочекувано загубија на домашен терен од Милвоки со минимални 96-97. Блејк Грифин постигна 18 поени, но го промаши последниот шут што можеше да му ја донесе победата на домашниот тим.

Хјустон го декласираше составот на ЛА лејкерс со преубедливи 139-100. Харден не влезе во шутерски ритам, но сепак стигна до трипл дабл од 18 поени, 13 асистенции и 12 скока, најефикасен кај „ракетите“ беше Лу Вилијамс со 30 поени.

Чикаго загуби на домашен терен од Мемфис, но уште поголем проблем од поразот за „биковите“ е повредата на лакотот на Двејн Вејд, кој сега ќе мора да отсуствува извесно време од терените.

Резултати НБА:

Индијана – Шарлот 98-77, Вашингтон – Далас 107-112, Бостон – Минесота 117-104, Детроит – Јута 83-97, Мајами – Њу Орлеанс 120-112, Чикаго – Мемфис 91-98, Хјустон – ЛА лејкерс 139-100, Сан Антонио – Портланд 106-110, Феникс – Сакраменто 101-107, ЛА клиперс – Милвоки 96-97.

Се вчитува...