Македонија ќе има моќен состав на стартот од новиот претквалификациски циклус со Австрија откако Олимпија Милано и официјално потврди дека Мозес Рајт на крајот од овој месец ќе дебитира за нашиот национален тим на мечот во Виена.
Рајт доби пасош пред неколку месеци, но не настапи на последните дуели со Луксембург и со Ирска од претходниот преткваликациски циклус. Како што ЕКИПА веќе најави, Рајт дал ветување дека во август ќе биде достапен за деби за националниот тим и заедно со Ненад Димитријевиќ ќе даде свој придонес да се стигне до што подобар резултат во Виена, што широко би ги отворил вратите кон следните квалификации.
Евролигашките понекогаш знаат да направат проблеми, особено на новите кошкаркари кои во текот на летото ги менуваат клупските бои, инсистирајќи тие да се појават од стартот на подготовките.
Милано го објави планот на подготовки, притоа јасно ставајќи до знаење дека репрезентативците ќе бидат слободни за настап за своите национални селекции, и тоа Србинот Гурудиќ, Аргентинецот Болмаро, италијаските репрезентативци Тонут, Ричи, Акделе и Томпсон, како и „новиот Македонец“ Мозес Рајт.
Одличниот центар дефинитивно ќе биде решение за нашите проблеми во рекетот и со него и Димитријевиќ во тандем можеме да се надеваме не само на успех во овие претквалификации, туку и конечно по повеќе од една деценија да се пласираме на едно европско првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
