Олимпијакос на Ф4, во полуфиналето против ЦСКА Москва

Олимпијакос е последниот учесник на фајналфор турнирот од Евролигата што од 19 до 21 мај ќе се одржи во Истанбул, откако грчкиот клуб славеше на мајсторката на домашен терен против Анадолу Ефес со резултат 87-78. Со тоа, Олимпијакос си обезбеди место меѓу најдобрите четири тима во Европа за оваа сезона, а „црвено-белите“ во полуфиналето во Истанбул ќе го предизвикаат актуелниот европски првак ЦСКА Москва.

Вечерашниот решавачки дуел повторно донесе огромна битка на двете страни. Гостите од Турција беа подобри во првото полувреме, заминаа на одмор со предност од 37-41, но немаа сили да го издржат темпото до самиот крај. Олимпијакос го отвори третиот дел од мечот со серија од 9-0, преземајќи ја контролата над резултатот. Ефес накратко се врати, но следеше нова серија од осум поени на домаќините (две тројки погоди Папапетру). Турскиот состав во последната четвртина во неколку наврати стигна до само четири поени разлика, но Олимпијакос погодуваше кога беше најзначајно и на крајот заслужено го доби овој меч со 87-78.

Спанулис со 22 поени беше прв играч и на овој натпревар, 14 поени за победничкиот тим постигна Принтезис, додека најдобар стрелец на Ефес при вечерашниот пораз беше Осман со 11 поени.

Во втората полуфинална пресметка на фајналор турнирот во Истанбул актуелниот вицешампион Фенербахче ќе се сретне со Реал Мадрид.

Се вчитува...