Омерагиќ и Бабунски едногласно: Ќе дадеме максимум за позитивен резултат против Рига

Македонскиот првак Вардар по елиминацијата од првото квалификациско коло од Купс дури по продолженијата, сега продолжува во Лигата на конференции. Прв противник е тимот на Рига од Летонија.

Големи се очекувањата кај Вардар, особено после победата на тимот во Финска на реваншот против Купс. Сега очекувањата се далеку повисоки, а така сметаат и фудбалерите на „црвено-црните“.

„Не смееме ништо повеќе од победа да размислуваме. Многу важно ќе биде да оствариме позитивен резултат на домашен терен за на реваншот да ни биде полесно. По карактерот на нашите играчи приоритет ни е да одиграме на ниво како што заслужува Вардар, а сето тоа што е дополнително премијата е само екстра мотив. На вториот меч ја подобривме сликата, и навивачите го препознаа тоа. Се надевам дека ќе продолжиме во таа линија, да се подобруваме. Сакаме да им вратиме на навивачите за поддршката што ни ја даваат“, вели играчот од средниот ред Давид Бабунски.

Капитенот Азар Омерагиќ рече дека Вардар оди против Рига да се покаже во многу подобро издание пред своите навивачи и да дојде до добар резултат.

„Купс е минато, не дојдовме до посакуваниот резултат, во ревнашот покажавме дека можеме многу подобро. Сега одиме на Рига да се покажеме во многу подобро издание и да оствариме добар резултат. Утре ќе бидеме задоволни со било кој позитивен резултат. Премијата е само награда, а мотивот е Вардар да оди понатаму во Европа. Паричната награда е само плус. Ќе го дадеме максимумот пред домашна публика, сакаме да одиме понатаму, наше е да одиграме најдобро, а што ќе се случи ќе видиме“, рече Омерагиќ.

Се вчитува...