Македонската фудбалска репрезентација вечерва на Националната арена „Тодор Проески“ ја започнува новата сезона во Лигата на нации, со тежок домашен предизвик против селекцијата на Швајцарија.
Во пресрет на овој важен натпревар, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ, испрати силна порака со поддршка до репрезентативците и македонските навивачи. Тој нагласи дека ваквите големи натпревари се клучни за напредокот на нашиот национален тим.
„Секој нов репрезентативен циклус носи нова енергија, очекувања и нова можност за докажување. Денес повторно сме обединети околу националниот дрес и желбата Македонија да го покаже своето вистинско лице.
Пред нас е силен противник и натпревар кој бара максимална посветеност, борбеност и тимски дух. Но, токму во ваквите натпревари се покажува карактерот на една репрезентација. Верувам дека нашите фудбалери ќе излезат на терен со храброст и верба во сопствените можности.
Вашата поддршка е сила и мотивација. Натпреварот против Швајцарија нека биде уште една заедничка фудбалска приказна и убав почеток на Лигата на нации“, порача Омерагиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
