Начинот на прослава на шампионската титула на вардаровите фудбалери, со крајно непристијно пеење песни со навредлива содржина кон македонската поп-ѕвезда Каролина Гочева, се уште носи дебата во македонската јавност.
Фудбалската федерација на Македонија веќе покрена дисциплинска постапка против Вардар, а претседателот Масар Омерагиќ, гостувајќи на ТВ Телма во емисијата “Директно со Младен Чадиковски” и лично ја осуди постапката нагласувајќи дека ова, секако не е нов проблем во нашето спортско опкружување, со кој ФФМ силно ќе се бори да се искорени.
„Kако федерација сосема е јасно дека најостро ги осудуваме таквите постапки на поединци или колективи во спортот, и затоа веднаш излеговме со соопштение во врска со инцидентот. И покрај тоа што, ние сме пред се одговорни за она што се случува на терен, начинот на кој што е направено тоа секако дека е недозволиво. Дисциплинскиот правилник на ФФМ по ваквите прашања предвивува парична казна“ – истакна Омерагиќ , притоа нагласувајќи дека интенцијата на федерацијата и во иднина ќе биде да се бори со вакви нешта, затоа што ова се случува долги години наназад, и еднаш мора да запре.
„Ова е проблем кој што се проблекува со децениии. Сега е јавноста дополнително огорчена и затоа што е појавено преку социјални мрежи. Но, изминатиот период откако сум јас претседател, имаме изречено неколку казни за вакви недолични однесувања и на теренот и надвор од него, и суспензија на теренот во Тетово затоа што не беше почитуван минута молк за жртвите во Кочани, и тоа што навивачите токму на Вардар беа отстранети во Струга поради скандирање, а имаше и други казни. Проблемот е подлабок и силно работиме на тоа да се искорени“.
Првиот човек на ФФМ одговори и на прашањето околу вклученоста на селекторот Гоце Седлоски.
„Мора да се напомене дека лично ја погледнав снимката повеќе пати, и факт е дека Седлоски не пее. Во минатото и тој и неговото семејство биле жртва на вакво нешто. Секако песната и текстот, и постапката не се примерни, тоа може да се препише и на некоја младост во момент на еуфорија меѓу играчите, па Седлоски веќе разговараше со фудбалерите, деновиве ќе има и прес-конференција и ќе го каже своето мислење“ – рече Омерагиќ.
Претседателот на ФФМ нагласи дека очекува сега пристојна прослава на титулата на Вардар во сабота, преку еден убав најдобар со најголемиот ривал Шкендија, со што на најдобар можен начин ќе се заокружи сезоната во македонското првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
