Омерагиќ: Вардар можеше да помине и многу полошо – со забрана за Европа, Шкендија одби помош од ФФМ!

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, на денешната прес-конференција истакна дека казната на ФК Вардар од УЕФА во висина од 250.000 евра за незаконско работење, е единствено одраз на начинот на кој функционирал клубот во минатото, но не и на работата на ФФМ која е максимално чиста пред надлежните инспекции на УЕФА.

„Ние како федерација бевме контактирани од УЕФА, и може да кажам дека истрагата траеше околу шест месеци. Долготрајна истрага која апсолутно не влијаеше на ФФМ, затоа што федерацијата е чиста и нема тоа никаква врска со рејтингот на македонскиот фудбал. Но, може да кажеме дека казната за Вардар можеше да биде и многу полоша, со забрана за клубот за настапи на европската сцена. Паричната казна е висока, но добро е што нема елиминација“, истакна Омерагиќ.

Првиот човек на ФФМ, меѓу другото, откри, пак, и дека тетовска Шкендија одбила финансиска помош од федерацијата.

„Имавме средба со раководството на Шкендија на која одбија финансиска помош за стадионот од 700.000 евра, па како федерација ние не можеме никого со сила да му помогнеме. Помошта требаше да биде за дополнителни 7.000 седишта за тетовската арена, откако претходно од ФФМ беа купени 3.000 седишта“, откри претседателот на ФФМ.

Омерагиќ на средбата со медиумите потенцираше дека зад себе оставаме максимално чисто првенство во Првата лига, со максимално спроведени реформи во натпреварувачкиот и во судискиот систем.

„Имавме добра сезона, со тешко првенство по кое следи нова реформа со помалку клубови од новата сезона, и со одлично имплементиран ВАР систем. Сега не чека нов систем на натпреварување, четирикружно. Сите реформи за оваа сезона се спровдни и тоа треба да не радува сите во фудбалот. . За да беше оваа година комплетно совршена требаше да отидеме само уште на СП, меѓутоа кога ќе видиме какви репрезентации не се пласираа јасно е колку беше тешко“, истакна Масар Омерагиќ.

Се вчитува...