Општина Битола му одговори на ФК Пелистер: Тоа е соопштение од неовластени лица

Општина Битола му одговори на ФК Пелистер на утринското соопштение, во кое имаше критики на нивна адреса дека клубот не може да игра на стадионот „Тумбе кафе“ во Битола, затоа што не се обезбеди соодветни услови, односно најавените соблекувални. Поради ова, битолскиот прволигаш во моментов не е можност натпреварите од Првата лига да ги игра во својот град. Првиот меч како „домаќин“ ќе го игра в сабота во Охрид.

„Се претпоставува дека соопштението до јавноста во име на ФК Пелистер е објавено од неовластени лица од управата. Општина Битола е соосновач во АД ФК Пелистер со учество од 25% удел и партиципира со 2 члена во органите на управата. Членови на управата и раководните лица на општината, координирано се во завршна фаза на изнаоѓање решение за времено обезбедување на минимално-технички услови за реализација на спортските активности на ФК Пелистер. Ваквите соопштенија во јавноста, не се во насока на поддршката на видниот развој на спортот во Битола, посебно фудбалот и ФК Пелистер и најверојатно се со други побуди.

Се надеваме, дека, ваквите соопштенија се изолирани и нема да придонесат во нарушување на коректните односи помеѓу соосновачите, стои во соопштението на општина Битола.

ЗК Пелагонија, Орка Холдинг, Пелистерка и Жито Битола се компаниите кои располагаат со 75% од акциите во ФК Пелистер, раководејќи со владеачкиот пакет на акции. Останатите 25% од уделот во клубот се на Општина Битола.

Се вчитува...