Општина Центар пренамени три милиони денари од градинка за Работнички – Финансиската состојба на клубот е стабилна

Раководството на КК Работнички преку соопштение ја информира јавноста дека финансиските проблеми со кои клубот се соочуваше до неодамна се минато и дека „центарци“ сега се наоѓаат во стабилна финансиска состојба.

Иако дел од најдобрите кошаркари од досегашниот тек од сезоната го напуштија клубот, „центарци“ тврдат дека тоа е клупска одлука, а не желба на играчите.

Почитувани,

Кошаркарскиот клуб „Работнички“ ги отфрла како неточни и непроверени информациите што се појавија во одредени спортски медиуми во земјата, а се однесуваат на финансиската ситуација на најтрофејниот македонски кошаркарски клуб. КК „Работнички“ изминатиот период, за разлика од некои други, не толку дамнешни времиња, е во стабилна финансиска состојба и редовно ги сервисира финансиските обврски и побарувања, како кон играчите и членовите на стручниот тим, така и кон надворешните соработници.

Сите фанови и навивачи на најтрофејниот КК „Работнички“ се сеќаваат на времето кога долговите на клубот се броеја во десетици милиони денари, а освоените пехари и трофеи од домашните и меѓународните натпреварувања служеа како саксии за садење цвеќе на минатите управи. Одлуката за промена на играчкиот кадар во клубот за тоа кој играч доаѓа, а кој си оди е исклучиво одлука на самиот клуб и на никој друг. КК „Работнички“ е симбол на градот, важна спортска институција и како таква, е наша македонска спортска гордост. Апелираме до сите засегнати страни пред информациите да ги пласираат во јавност, да обрнат внимание на фактите и на вистинитоста на наведените податоци, со што би се заштитил пред сѐ клубот, стручниот кадар и играчите, но и генерално – македонскиот спорт и македонската кошарка.

Со почит,

КК „Работнички“

Соопштението на КК Работнички за стабилизација на финансиската состојба во клубот следи само неколу дена по новата одлука на Советот на Општина Центар, со која Работнички добива дополнителни три милиони денари помош, покрај десетте милиони денари што веќе се префрлени на сметката на „центарци“ од усвоениот годишен буџет на општината.

Порталот МКД објави документи за оваа пренамена на средствата, откривајќи дека станува збор за сума од четири милиони денари кои биле предвидени да се потрошат за реновирање на градинка, но дури три четвртини од овие пари ќе бидат префрлени во буџетот на најтрофејниот кошаркарски колектив.

Се вчитува...