Осака повторно е „кралица на Њујорк“

Наоми Осака повторно е шампионка на УС Опен. Триумфираше во финалето против Викторија Азарена за втора титула  на американскиот гран-слем турнир. Воедно, ова е трет гранслем трофеј за Осака (Австралија Опен 2019), која се уште не знае за пораз во големите финалиња од најсилните турнири.

Азаренка изненади со беспрекорна игра на самиот почет, па белоруската тенисерка целосно доминираше во текот на првиот сет. Одличната игра во дефанзива на Азаренка ја фрустрираше Осака, која направи дури 13 неизнудени грешки наспроти само три на Азаренка, па Белорусинката го доби првиот сет со 6-1, за само 29 минути игра. Јапонката делуваше во шок, Азаренка набрзина поведе со 2-0 во вториот сет, но Осака потоа се разбуди и заигра на своето вообичаено ниво од досегашниот дел од турнирот.

Таа најпрвин израмни на 2-2, а потоа при резултат 3-3 ги доби наредните три гејма и го одведе мечот во трети решавачки сет. Осака набрзина ја презеде контролата и поведе со 3-1, а Азаренка пропушти шанса да се врати не реализирајќи три брејк-топки при 0-40 на сервис на противничката. Белорусинката сепак стигна до брејк при наредниот сервис на Осака, намали на 4-3, но јапонската тенисерка ги доби следните два гејма и на крајот заслужено се радуваше на победата, изразена со конечни 1-6, 6-3, 6-3.

Се вчитува...