Осман: Американците не се непобедливи на ова СП

Охриѓанецот Џеди Осман ќе ја предводи Турција на претстојниот светски шампионат во Кина. Турците веќе во групната фаза ќе се сретнат со САД, што ќе биде можност за Осман да излезе на мегдан со ривалите од НБА-лигата. Асот на Кливленд со респект гледа на ослабениот дрим-тим, но и потенцира дека Американците имаат состав што може да биде изненаден на овој Мундијал.

„Во подготовките ја победивме Франција, што уште повеќе ни ја зголеми самодовербата. Мислам дека играме одлично и дека ќе се покажеме во добро светло. Единствен проблем ни е недостигот на искуство, особено на светските шампионати, каде само Илијасова и Ерден имаат настапувано поредовно, а јас во 2014 поголемиот дел го минав на клупата за резерви. Во групата ќе играме со САД, селекција што е исклучително талентирана иако не доаѓа со најсилниот состав. Мислам дека Американците и со ваков тим се главни фаворити за златото, но не е невозможно да се победат“ – истакна Осман.

Покрај САД, селекцијата на Турција за ривали во групната фаза ќе ги има и Чешка и Јапонија.

Се вчитува...