Шефот на стручниот штаб на Шкендија, Ќатип Османи вели дека сите во тимот добиле добра лекција со убедливиот пораз од 4-0 на гостувањето против ТНС во Велс, во 1. квалификациско коло за Лигата на шампионите.
Само поради триумфот од 5-0 во Скопје, Шкендија продолжува понатаму во Европа, но Османи потенцира дека треба добро отрезнување по она лошо издание во Велс.
„Поради онаа убедлива победа од 5-0 во Скопје се одлучив на извесни промени во составот. Но, се покажа дека направив грешка. Јасно е дека најважно е што продолжуваме понатаму во Европа, но ова мора да ни биде една добра лекција на сите нас. Од самиот почеток на мечот во Велс беше јасно дека го немаме неопходниот дух за игра, немавме агресија, немавме желба. Мора да учиме од грешките. Ова беше најлошата игра на Шкендија откако сум на чело на тимот во последната една година, и сигурно не смееме да ја повториме. Сега мора максимално да се фокусираме на следното коло“ – вели Османи.
А во второто квалификациско коло Шкендија следната недела ја очекува првиот натпревар против молдавскиот Шериф Тираспол.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА