Османи: Го решивме и проблемот со неефикасноста

Шефот на стручниот штаб на Шкендија, Ќатип Османи, со право беше задоволен откако неговиот тим ја декласираше Победа со 5-2. Прилепчани им создаваа многу проблеми на тетовските „црвено-црни“ во текот на сезонава, но Шкендија попладнево одигра одлично, ги искористи создадените шанси и стигна до убедлива победа.

„Секако дека сум среќен. На почетокот од овој дел од сезоната имавме проблем со неефикасност, не ги користевме шансите што ги создававме. Денеска бевме на посакуваното ниво и се надевам дека на идентично ниво ќе ги одиграме и сите наредни натпревари до крајот на сезонава. Ниеден тренер не сака кога тимот прима голови, но кога резултатот е убедлив нормално е да има и пад во концентрацијата. Првиот гол го примивме на 3-0, вториот на 5-1, така што не гледам никаков проблем“ – изјави Османи.

Тој не го криеше ниту задоволството што повторно на располагање го има Марјан Радески, по паузата од осум месеци од терените на македонскиот репрезентативец.

„Мило ми е за Радески, сите знаеме колку значаен фудбалер е тој за нас и се надевам дека што поскоро ќе влезе во посакуваната форма. Моја желба е Радески да влезе во истиот ритам од пред повредата уште во текот на оваа сезона“ – истакна стратегот на Шкендија.

Се вчитува...