Османи: Во Норвешка сме по добар резултат, во Скопје ќе се одлучува патникот во Лига Европа

Тренерот на Шкендија, Ќатип Османи пред утрешниот прв натпревар од плеј-оф рундата за пласман во групите од Лига Европа против Розенборг во Трондхајм вели дека македонскиот шампион во Норвешка е допатуван по позитивен резултат со кој за реваншот би се останало во сериозна трка за место во ЛЕ.

Шкендија е пред историска можност за свој прв пласман во групната фаза од едно европско клупско натпреварување. Па тетовци, како што велат, во никој случај не сакаат така лесно да ја пропуштат оваа шанса…

„Секако многу добро сме запознаени со екипата на Розенборг. Знаеме дека цврсто се решени за пласман во ЛЕ, но мислам дека овие 180 минути ќе биде пресметка на две израмнети екипи. Ние во Норвешка секако допатувавме по добар резултат со кој ќе останеме во игра за историски пласман во Лига Европа. Верувам дека патникот понатаму ќе се решава на реванш дуелот во Скопје. Гол во гости нас многу би ни значел за реваншот“ – истакна Османи денеска во Трондхајм.

Во тимот на Шкендија единствено ќе недостасува Егзон Бејтулаи, поради три жолти картони, како и од поодамна отсутниот Марјан Радески.

Натпреварот меѓу Розенборг и Шкендија на стадионот „Ленкаран“ во Трондхајм се игра утре со почеток од 20:45 часот.

Се вчитува...