Минаа повеќе од 40 дена откако Душан Влаховиќ и официјално стана слободен играч по истекот на договорот со Јувентус, но српскиот ас се уште нема договор со нов клуб.
Ал Ахли сакаше да го доведе во Саудиска Арабија, Бешикташ преговара интензивно повеќе од еден месец, но проблем во преговорите се – нереалните барања за потпис на Србинот и на неговиот татко Милош Влаховиќ, кој фигурира како aгент на голгетерот.
Имено, Милош инсистира на менаџерска провизија од огромни 15 милиони евра, додека Влаховиќ бара бонус од 10 милиони евра за самиот потпис на договорот. Ниту еден од заинтересираните клубови нема намера да плаќа волкава сума, што е главна причина за бавната потрага по нов клуб за екс-напаѓачот на Јувентус.
Последните информации говорат дека Бешикташ понудил вкупно 50 милиони, од кои 10 милиони се за вкупен бонус (менаџерска провизија и бонус за потпис на фудбалерот), а останатите 40 се за плата од десет милиони по сезона до 2030 година. Челниците на турскиот клуб веќе немаат намера да чекаат, па дале рок од 48 часа за одговор, доколку Влаховиќ не прифати понудата ќе биде повлечена и „црно-белите“ од Истанбул ќе се фокусираат на останатите голгетери на пазарот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
