Ендрик е пред нова преселба во кариерата. Младиот бразилски напаѓач би можел повторно да го напушти Реал Мадрид и следната сезона да ја помине на позајмица, а како една од можните дестинации се споменува Премиер лигата.
Според информациите на новинарот Рамон Алварез, Реал Мадрид и претставниците на Ендрик се согласиле дека нова позајмица би била најдоброто решение за 20-годишниот напаѓач.
Конкуренцијата во нападот на Реал Мадрид е огромна, а пристигнувањето на нови офанзивни опции дополнително го отежнува патот на Ендрик до сериозна минутажа. Покрај Винисиус Жуниор, Килијан Мбапе, Родриго и Брахим Дијаз, во тимот пристигнаа и нови млади напаѓачи, па Бразилецот тешко би дошол до место во стартниот состав.
Ендрик летово се врати во Мадрид по позајмицата во француски Лион, каде што имаше солидна сезона. За францускиот клуб настапи на 21 натпревар во сите натпреварувања и постигна осум гола.
Неговите настапи му помогнаа повторно да го привлече вниманието на бразилската репрезентација, а добрите игри му обезбедија место во составот за Светското првенство во 2026 година.
По враќањето во Реал Мадрид, Ендрик се обидел да се наметне кај Жозе Мурињо и да покаже дека заслужува поголема улога во тимот. Напаѓачот напорно работел на тренинзите, а постигна и гол на пријателскиот натпревар против Фиорентина.
Мурињо бил задоволен од неговиот пристап и постоела можност Ендрик да остане во Мадрид, особено по интересот што го покажала Рома.
Сепак, според последните информации, во Реал Мадрид преовладува ставот дека за развојот на Ендрик најдобро би било тој повторно да замине на позајмица.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
