Пак БОМБА – Борко Ристовски од Барселона се сели во Кил!?

По Рајн Некар Левен и Барселона, на повидок е уште една трансфер-бомба на Борко Ристовски.  На крајот на сезоната, по истекот на двегодишниот договор, Ристовски заминува од Барселона, а следна дестинација може да му биде уште еден ракометен гигант. За услугите на македонскиот репрезенативен голман заинтересиран е трофејниот Кил!

Борко Ристовски во Кил би требало да дојде на местото на Андреас Волф, кој веќе има потпишан договор со Кјелце по истекот на договорот со Кил во 2019, но, не е исклучена можноста германскиот репрезентативец да се пресели во Полска и една година порано. Според информациите од Германија, веќе се направени првите контакти и постигната е начелна согласност. Дека има понуда од Кил, потврдува и Борко Ристовски.

„Начелно има интерес и направени се некои разговори, но засега не можам да кажам ништо поконкретно. Малку е комплексна ситуацијата и треба да почекаме да видиме како ќе се одвиваат работите. Меѓутоа интерес има од сите три страни. Ќе видиме“ – вели Ристовски во изјавата за ЕКИПА.

Македонскиот голман веќе има успешно искуство во Бундес лигата. Пред да се пресели во Барселона, Ристовски беше на голот на Рајн Некар Левен со кој ја освои првата шампионска титула во Германија, а преходно две сезони настапуваше и за Гумерсбах. А, како што се одвиваат работите, многу веројатно е дека Ристовски повторно ќе се врати во Бундес-лигата. За македонскиот голман заинтересирани беа Берлин, Хановер и данскиот Силкеборг, но сега во потесниот избор останува Кил и како втора опција Гепинген.

Се вчитува...