Пандев добива казна како Бонучи!

Раководството на Џенова најави дека Горан Пандев ќе биде казнет за своето непрофесионално однесување во финишот од натпреварот против Болоња. Македонецот одби да влезе во игра во самиот финиш од натпреварот со што ги налути и тренерот Мандорлини и челниците на клубот, па така новиот спортски директор Марио Донатели уште пред неколку дена најави дека одлуката за казната на Пандев е донесена.

Таа барем засега не е официјално обелоденета во јавноста, но италијанските медиуми најавуваат дека Горан Пандев ќе добие многу слична казна на онаа на Леонардо Бонучи од Јувентус од пред неколку седмици. Имено, Македонецот ќе биде парично казнет, а згора на тоа ќе го пропушти и претстојното гостување на Џенова во Емполи. Тоа нема да значи слободен ден за капитенот на нашата репрезентација, кој ќе патува со екипата во Емполи, а потоа од трибините ќе ги бодри своите соиграчи во битката за бодови.

Според италијанската јавност, ваквата казна вродила со плод во случајот на Бонучи, кој од трибините го следеше мечот Порто – Јувентус, по што беше разрешен неговиот конфликт со тренерот Алегри. Во секој случај, целиот инцидент уште повеќе ги намалува шансите Пандев да добие нов договор со Џенова, со оглед на фактот дека актуелниот истекува на крајот од сезонава, а разговорите за негово продолжување воопшто не се стартувани.

Се вчитува...