Пандев и Џенова елиминирани по „пенал рулетот“ од нисколигашот Ентела во Купот на Италија

Горан Пандев со тимот на Џенова доживеаја срамна елиминација во Купот на Италија откако по пеналите загубија со 6-7 од нисколигашот Ентела, член на Серија Ц во италијанскиот фудбал.

Претходно, повеќе од драматичниот натпревар заврши 2-2 во регуларниот дел, а 3-3 по двете продолженија откако Ентела до израмнувачкиот погодок за 3-3 стигна во 122. минута преку Адорјан. Претходно, Пандев во 119. минута имаше извонредна шанса да ја осигура победата на својот тим, но не успеа да реализира од идеална позиција.

Македонскиот репрезентативец влезе во игра во 53. минута на местото на Мадеирос. Во 110. минута од второто продолжение изнуди и пенал за својата екипа кој успешно го реализираше Лападула за 3-2 во тие моменти.

А, резултатот на мечот го отвори Симоне Икарди со погодокот во 20. минута за водство на Виртус Ентела од 0-1. Но, радоста на гостите траеше кратко. Седум минути подоцна, Полјакот Кжиштоф Пјатек беше сигурен реализатор од пенал за 1-1, резултат со кој заврши првото полувреме.

Ново водство на гостите повторно им донесе Икарди со вториот погодок за 1-2 во 83.минута од мечот, за да Пјатек реализира повторно од белата точка во 86. минута за 2-2.

Во продолжението, фудбалерите на Виртус Ентела добија дури три од вкупните пет жолти картони. Џенова долго се мачеше додека да дојде до водство и тоа повторно со гол од пенал, изнуден по фаулот што беше направен над Горан Пандев. Овој пат прецизен реализатор од белата точка беше Џанлука Лападула за 3-2 пред Адорјан да заокружи на 3-3 во 122. минута.

Токму Лападула, пак, го промаши клучниот пенал за Џенова во „пенал рулетот“ во осмата серија што значеше и елиминација за тимот на Пандев и вистинска сензација со пласманот на Ентела во осминафиналето од Купот на Италија.

Се вчитува...