Пандев: Наполи го заслужува скудетото, игра најубав фудбал во Италија

Горан Пандев викендов го очекува нов дуел со поранешен клуб, македонскиот ас со тимот на Џенова в недела му гостува на вицешампионот Наполи. Пандев, кој освои неколку куп-трофеи со „наполитанците“, не го крие воодушевувањето од стилот на игра на кој инсистира тренерот Сари.

„Наполи го заслужува скудетото, игра најубав фудбал во Италија, можеби и во Европа. Ние им одиме во Неапол, сигурно ќе ни биде тешко да се одбраниме, играта во напад на „наполитанците“ е извонредна, ако видат отворен простор веднаш го масакрираат противникот. Знам дека сега Јувентус е прв, но Наполи сигурно нема да се предаде. Мојот поранешен клуб поседува квалитет за да слави на сите натпревари до крајот на сезонава. Отсекогаш сум се прашувал како би се славело скудето во Неапол, се надевам дека ќе го видам тоа во мај“ – изјави Пандев.

Тој постигна погодоци на претходните дуели со поранешните клубови Интер и Лацио, но потенцира дека не станува збор за дополнителна мотивација кога игра против екипи чии бои ги има брането претходно.

„Секогаш го давам максимумот за мојот тим, без оглед дали претходно сум настапувал за ривалот или не. Моите голови со Интер и со Лацио се драгоцени бидејќи донесов победи, ако го сторам тоа и во Неапол… би било неверојатно“ – истакнува Горан Пандев.

 

Се вчитува...