Пандев: Не се плашиме од испаѓање во Серија Б

Горан Пандев втор домашен натпревар по ред погоди за водство на Џенова, но неговиот тим не успеа да стигне до триумф. За разлика од ремито со Лацио пред две седмици, овојпат Џенова со катастрофална игра во второто полувреме прими два гола од Киево и го загуби мечот со 1-2. Со тоа, тимот на Пандев останува во опасната зона и го очекува тешка битка за опстанок во финишот од сезоната. На четири кола до крајот Џенова има само пет бода предност во однос на Кротоне на 18. позиција, пласман кон значи преселба во Серија Б.

Ова беше многу важна средба за нас и затоа сега разочарувањето е толку големо. Одигравме извонредно во првото полувреме, требаше да водиме најмалку со 2-0, а навистина немам одговор што ни се случи во вторите 45 минути. Не знаевме како да ја задржиме предноста, потфрливме, но не смееме да престанеме со напорна работа и верба во самите себе. Не верувам дека ова се должи на страв од испаѓање во Серија Б, но факт е дека имаме многу млади играчи кои не се навикнати на вакви ситуации. Штета е бидејќи одлично го почнавме првенството, никој не очекуваше дека на крајот ќе се бориме за опстанок“ – изјави Пандев.

Македонскиот репрезентативец со Џенова во следното коло ќе го пречека својот поранешен клуб Интер.

Се вчитува...