Пандев: Нема замор, кога се игра за Македонија!

Фудбалската репрезентација на Македонија ја очекуваат големи предизвици во претстојните десетина дена. На 5 јуни ќе ги одмери силите против Турција во пријателски натпревар на „Филип Втори“, а шест дена подоцна на квалификациски дуел ќе пристигне и селекцијата на Шпанија.

Сезоната е пред самиот крај, фудбалерите ги влечат последните атоми од силите, но капитенот Горан Пандев вели дека нема замор, кога се игра во дресот со националниот грб. Тој едвај чека да почнат овие дуели, и да се надигрува со ривалите.

„На мене, а и на соиграчите секогаш ни е најдраго кога играме против најдобрите. Турција е многу силна репрезентација, доаѓаат во полн состав, но сигурно нема да се браниме. Мораме да држиме ритам во текот на сите 90. минути и да бидеме фокусирани. Атмосферата е одлична, многу позитивна и сите со нетрпение го чекаме почетокот на мечот. Очекуваме голема поддршка од трибините. Сите ние чувствуваме посебна енергија кога играме за репрезентацијата, таа поврзаност е многу силна и кај Турција, но фудбалот се игра на тревникот. После химната, нема замор. Одиме да се надигруваме, изјави Горан Пандев.

Се вчитува...