Пандев за „Моцарт“: Сакам навивачите да бидат наша ‘моторна сила’ на ЕП, генијалецот Савичевиќ е мојот идол

Најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев во интервју за „Моцарт“ вели дека легендата на Црвена Звезда и југословенскиот фудбал, Дејан Савичевиќ е неговиот идол од детството. Пандев го издвојува секако пласманот на Европското првенство следната година со Македонија како круна на неговата блескава кариера.

Опишан од „Моцарт“ како нескриена фудбалска големина а секогаш скромен, Пандев нагласува дека посакува присуство на публика на шампионатот следната година на дуелите против Украина, Холандија и Австрија.

„Како прво, се надевам дека ќе заврши пандемијата. Присуството на публиката е особено значајно, доколку трибините бидат полни ќе имаме голема поддршка од нашите навивачи. Реално, ние сме аутсајдери, но нема што да загубиме. Првите два натпревари, со Австрија и Украина, се најважни за нас” – вели Пандев, осврнувајќи се и на случувањата во македонската прва фудбалска лига, посебно околу неговиот фудбалски клуб, Академија Пандев.

„Ние во Академија Пандев им даваме шанса на младите играчи, но очигледно е дека тие не можат да го понесат целосниот товар и притисок. Нашата цел е да опстанеме во лигата, да донесеме засилувања во преодниот рок и се надевам дека ќе успееме. Одлично е што обезбедивме полуфинале во националниот куп“ – вели капитенот на македонската репрезентација.

„Гранде Пандев“ открива и кој фудбалски клуб засекогаш ќе го носи во неговото срце, не заборавајќи ги своите почетоци.

„Беласица и Интер, оној тим кога за него играше Бразилецот Роналдо. Тоа се моите клубови кои засекогаш ќе ги носам во срцето. А мој спортски идол од детството беше генијалниот Дејан Савичевиќ“.

Што се однесува до натпреварите кои засекогаш ќе остават вечна трага во неговата спортска кариера.

„Дефинитивно натпреварот на Македонија против Грузија на 12. ноември и нашиот голем успех со пласманот на ЕП. Вториот натпревар од финалето во Лигата на шампионите помеѓу Баерн и Интер, кој го добивме со 2-0. И освојувањето на трофејот во ЛШ засекогаш ќе биде во срцето” – заклучува Горан Пандев.

Се вчитува...