Пандев се сеќава на дуелот од Крајова пред 16 години: Македонија загуби во последните минути… (ВИДЕО)

Капитенот Горан Пандев, заедно со Агим Ибраими, од актуелниот состав на Македонија кој е во Букурешт, се единствените кои досега имаат натпревари против репрезентацијата на Романија.

Четири порази и само една победа, и тоа на пријателски натпревар, е досегашниот биланс од меѓусебните дуели со Романците.

Единствената победа на Македонија е на последниот одигран меѓусебен натпревар, на 2. јуни 2010 година кога во австриски Вилах на тест-дуелот славевме со 0-1, со голот на Ванче Шиков. Од тој натпревар во актуелниот репрезентативен состав е единствено Агим Ибраими, а играше и Иван Тричковски, кој поради повреда сега не е во комбинација.

Претходно, во квалификациите за СП 2006 и СП 1998, Македонија исто така беше во група со Романија, доживувајќи четири порази, најубедливиот од 0-3 во Скопје на 14. декември 1996 година.

На гостинските дуели во Романија македонската селекција има два порази, од 4-2 на 20. август 1997 година и 2-1 на 4. септември 2004 година во Крајова. Тогаш единствениот погодок за Македонија го постигна Александар Васоски, во репрезентацијата предводена од Драган Канатларовски во која во првиот тим настапи и Горан Пандев.

Романците поведоа со голот на Панку уште во 15. минута, а триумфот на домашните им го донесе Адријан Муту со гол директно од слободен удар во 88. минута. Во романскиот состав тогаш настапуваше и актуелниот помошник во репрезентацијата на Романија, Николае Дика.

Се вчитува...