„Пандевци“ се куп-специјалисти: „Лавовите“ скротени за место во големото финале

Академија Пандев е првиот финалист во Купот на Македонија откако попладнево по голема битка славеше на гостувањето против Македонија ЃП со 1-3. Струмичани се актуелни бранители на трофејот во ова натпреварување, а триумфот во Ѓорче Петров е уште позначаен ако се знае дека „пандевци“ уште од првото полувреме настапуваа со играч помалку, но и во таква ситуација успеаја да се изборат за место во големото финале.

Ферати беше фудбалерот што го отвори резултатот по петнаесетина минути игра, кога гостинскиот играч со прецизен удар го лобуваше голманот на „лавовите“ носејќи ја Академија Пандев во водство. Македонија ЃП стигна до израмнување со голот на Ајрулаху, а неколку минути подоцна истиот фудбалер изнуди и црвен картон од Ферати, по грубиот старт врз него.

Се очекуваше домашните фудбалери да направат целосен пресврт, но вториот дел донесе ново изненадување, по еден старт на Божиновски оправдано беше досуден пенал за гостите од Струмица што Радески го претвори во ново водство за „пандевци“. Нервозата го стори своето, па во 60. минута и домаќините добија црвен картон (Китановски). Избраниците на Васоски потоа се повлекоа во сопствената половина и умешно ја одржуваа предноста до самиот крај, заканувајќи се опасно преку контранапади. Токму при една таква ситуација во 93. минута гостите добија заслужено уште еден пенал, што Радески го претвори во конечни 1-3.

Академија Пандев во големото финале ќе се сретне со подобриот од мечот Струга ТЛ – Силекс што ќе се игра утре.

Се вчитува...