„Пантерите“ не ја даваат Кисела Вода – „камбек“ победа против МЗТ Скопје

Академија ФМП не признава фаворити во Кисела Вода, а тоа „пантерите“ го докажаа и на денешниот натпревар против МЗТ Скопје во кој избраниците на Петровиќ со голем пресврт во второто полувреме стигнаа до победа од 85-73 во 17. коло од Првата лига. Избраниците на Кочов ја имаа контролата на натпреварот во поголемиот дел од првото полувреме, но не најдоа решение за играта под рекетот на домаќините во вториот дел од средбата.

Одбраната беше во преден план кај двата тима на отварањето на натпреварот. МЗТ Скопје одигра добра одбрана над бековската линија на Академија ФМП, но не успеа и да го затвори својот рекет каде избраниците на Петровиќ преку скокот во напад стигнаа до лесни поени од втора шанса. На спротивната страна добро функционираше и одбраната на „пантерите“ над високите играчи на аеродромци, но во скромната четвртина, по десет минути игра избраниците на Кочов поведоа со 18-21. Подолгата клупа на „сино-белите“ се одрази уште на почетокот на втората четвртина во која „сино-белите“ го искористија повлекувањето на домаќините при „пик“ играта со добар шут за три поени по кој поведоа со 20-34. Избраниците на Петровиќ успеаја на момент да ги консолидираат своите редови, но не и да одговорат на високото темпо на „сино-белите“. МЗТ Скопје успеа и да го исконтолира скокот па до полувреме ја задржа двоцифрената предност (33-46).

Добриот напаѓачки ритам, гостите од Аеродром не успеаа да го пренесат и на отварањето на второто полувреме, а тоа го искористија домаќините кои преку играта во рекетот стигнаа до едноцифрена негатива. Тајм-аутот на Кочов вроди плод, но и покрај тоа МЗТ Скопје не успеа да го одржи високиот ритам. „Пантерите“ ги користеа грешки на „сино-белите“, го спореа шутот од далечина на противникот, а преку контролата на играта во рекетот се вратија на негатива од само шест поени (58-64) по 30. минути игра. Академија ФМП продолжи со добрата игра под обрачот на МЗТ Скопје па стигна и до предност во последната четвртина. Гостите не ги служеше шутот за три поени во второто полувреме, за разлика од домаќините кои го пронајдоа својот ритам во вистински момент. Со тројките на Двојаковски и Харис, „пантерите“ стигнаа до преднсот од 79-71 на две минути до крајот на натпреварот, а и покрај обидите на МЗТ Скопје за враќање во средбата истите беа неуспешни. Академија ФМП ја исконтролира завршницата и сосема заслужено стигнаа до осмата победа во првенството.

Стефан Крстајиќ беше првото име кај домаќинтие со 23 поени и 5 скока, додека Теодор Атанасов додаде 21 поен и 9 скока. Оливер Двојаковски додаде 16 поени и 5 скока, додека дабл-дабл учинок од 12 поени и 10 скока додаде Рони Харис. Феми Олуџоби и Дамјан Стојановски го предводеа МЗТ Скопје со по 14 поени, на кои крилниот играч додаде и 6 скока. Како двоцифрени со 13 поени, односно 12 поени натпреварот го завршија и Хасани Гравет и Адем Мекиќ.

Се вчитува...