ПАОК пресилен за Охрид на турнирот во Бугарија

Кошаркарите на Охрид немаа сили да приредат изненадување на турнирот во Самоков, каде во полуфиналето загубија од ПАОК со резултат 86-72. Грчкиот тим ја оправда фаворитската улога од самиот почеток наметнувајќи темпо што охриѓани не можеа да го следат, па првата четвртина заврши со 27-15.

На полувреме се замина со водство на грчкиот тим од 48-31, а најголемата разлика изнесуваше 28 поени (76-48). Охриѓани со подобра игра во последната четвртина успеаја да го ублажат поразот до подносливи „минус 14“. Мијатовиќ со 18 поени беше прв стрелец на Охрид, еден помалку постигна Мијајловиќ, а Пенов и Ајуква го завршија мечот со по осум поени.

Македонскиот прволигаш утре во мечот за третото место на турнирот ќе се сретне со Черноморец, кој денеска загуби во полуфиналната пресметка против Рилски спортист со убедливи 101-72.

Се вчитува...