Парите веќе не се проблем за Асвел: Мега-понуда за Франциско

Асвел со години важеше за клуб со апсолутно најмал буџет во Евролигата, за што Французите сезонава добија и казна, поради понизок буџет за плати од оној минимално пропишан во правилата на елитното европско клупско натпреварување.

Сепак, тие времиња се минато, Асвел најпрвин објави дека останува во Евролигата, а потоа и претстави неколку моќни спонзори од Европа, но и од САД кои придонесоа финансиите веќе да не се никаков проблем за тимот предводен од легендарниот Тони Паркер.

Тимот од Вилербан веќе доби една важна битка договарајќи го Армони Брукс од Олимпија Милано, американскиот поентер кој беше пред потпис со Партизан, но во „пет до дванаесет“ се премисли и ја прифати понудата на Асвел.

Сепак, вистинската „трансфер-бомба“ беше најавена денеска, откако Асвел тргна во целосна офанзива за потписот на Силван Франциско. Францускиот плејмејкер „експлодираше“ во дресот на Жалгирис, има на маса понуди од бројни евролигашки гиганти, но Паркер му нуди улога на прва ѕвезда во проектот во татковината.

Финансиите исто така не се за потценување, Франциско би имал вкупно седум милиони евра за тригодишен договор со Асвел, плус бонуси, па информации блиски до поентерот тврдат дека тој сериозно ја размислува оваа опција, откако се олади од размислувањата за преселба во Барселона.

Се вчитува...